Николов: Протестот се случи во сите здравствени установи во земјата, ризик е да останеме без здравствени работници
Настанот со фондот беше капка која ја прелеа чашата, затоа што всушност од едни херои во период на ковид пандемијата, здравствените работници и соработници, на кои им се ветуваа брда и долини, одеднаш почувствуваа дека целиот овој систем има несериозно однесување кон нив. Почна ноември минатата година со предупредувачки штрајк кој беше одложен заради ветувањата на министерот за здравство, но немаше никаква потврда дека ветеното ќе се оствари и се резултираше со денешниот протест кој се случи во сите здравствени установи во Македонија, изјави д-р Игор Николов, претседател на Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ за „Тема на денот“ на Сител.
Тој истакна дека добро е што здравствените работници се одважија бидејќи бевме сведоци дека има притисоци, закани и предупредувања кои на почеток беа суптилни, но подоцна понесуптилни.
– Ова што денеска се случи е еден преседан во здравството, не се сеќавам дека имало досега организирано толку масовни предупредувачки протести во толку различни здравствени институции. Проблемот не е на едно место, туку системски. Ризикот е да останеме без здравствени работници. Овој систем да добие мала аномалија ќе добие големи деформации, потенцира Николов.
Николов на идниот министер кој ќе има кратко време за работа му порача да не ги избегнува проблемите на здравствените работници, како и да се ангажира да и исправи некои аномалии во системот.
– Имајќи предвид дека новиот предложен министер за здравство ќе има прилично кратко време, јас би советувал да не се одвојува од потребите и барањата на здравствените работници и да направи напор аномалиите да бидат отстранети. Изминативе години останавме без реален ургентен центар, тоа е нешто кое може да се коригира, да ја спомнеме и позитивната листа, лековите за ранливи категории, но недостигаат и обични како декортин, изјави Николов.