Нови докази во случајот со исчезнувањето на малата Меди: Полицијата го истражува комбето управувано од осомничениот Кристијан

Медлин МекКен исчезна во 2007 година во Португалија, а на нејзиниот случај интензивно се работи со години. Единствен осомничен е Кристијан Брукнер, чие комбе полицијата го испитува за да го најде примерокот на ДНК на девојчето.

Како што пренесува британски TheSun, Федералната канцеларија на криминалистичката полиција во Германија сега работи на истражување на комбето што го возел Кристијан.

Станува збор за бел „мерцедес спринтер“, а полицијата го пронашла паркиран на имот во Нојвегерслебен.

На имотот, каде што порано била фабриката, биле откриени и порнографски материјали во вид на снимки и фотографии.

На Кристијан моментално му се суди во Германија и е обвинет за сексуални злосторства кои не се поврзани со случајот со исчезнувањето на малата Меди. Нему му се суди и за пет сексуални престапи кои наводно ги извршил во Португалија помеѓу 2000 и 2007 година, а кои исто така не се поврзани со исчезнувањето на девојчето.

Брукнер претходно инсистираше дека тој не е одговорен за исчезнувањето на девојчето. Својата невиност се обиде да ја „докаже“ со писма во кои посочува дека „не е убиец и дека нема докази против него, иако целиот свет верува во тоа“.

Според еден британски поранешен патник, Брукнер планирал да ја киднапира малата Медлин и да ја продаде на пар кој не можел да има деца. Кен Ралфс (57) рече дека верува дека Брукнер и неговиот соучесник на крајот го исполниле планот, таргетирајќи ја Медлин во спалната соба во одморалиштето.

Да потсетиме дека малата Медлин исчезна од нејзината спална соба на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители вечерале со пријателите во близина во одморалиштето Праја да Луз за време на семеен одмор.