Нов шок за граѓаните: Од утре парното поскапува за 5 отсто

Парното греење поскапува за 5,03 отсто, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски на денешната конференција.

Како што нагласи Бислимоски, причина за поскапувањето е поскапувањето на природниот гас на светските берзи и намалувањето на производството на термоцентралите кои наместо 60 отсто учествувале со 51 отсто во производството на топлинска енергија. а новата цена ќе важи од 1-ви февруари годинава.

Цената за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје ќе се зголеми за 5,03 отсто, како резултат на поскапувањето на природниот гас од 16 отсто на светските берзи во последниот квартал од 2024 година.

„По поднесеното барање од EMV Heat Distribution, EMV Heat Production и EMV Heat Supply, РКЕ направи длабинска анализа која покажа дека цената на природниот гас во последниот квартал од минатата година е зголемена реално на светските берзи за 16%. Во јулската одлука, пресметката на цената на топлинската енергија е направена со проектирана цена на природниот гас од 37 евра за 1 MWh (Q4 2024 година), додека сега цената за набавка на природен гас е 43 евра за 1 MWh.

„Како што знаете, ние сме 100% земја зависна од увозот на природен гас, извор на енергија кој е примарен енергенс за работа на термоцентралите и за да продолжи непречена дистрибуција, неопходно беше да се донесе оваа одлука.

Со ова зголемување се очекува да се зголеми просечната сметка за околу 100 денари, од 2100 денари сега, на околу 2200 денари од февруари. Знаете дека минатата година имавме обратен процес кога цената на природниот гас на берзата беше пониска од очекуваното и поради оваа причина донесовме поволна одлука за категоријата други корисници. Потоа сметките беа намалени за 35 отсто“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Тој додаде дека РКЕ следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука за ценовното барање на ЕСМ Енергетика, која снабдува околу 2.000 корисници.