Обвинителството ги проверува наводите на ревизорот за железницата кон Бугарија и автопатот кон Косово
Јавното обвинителство постапува по предметниот извештај на Државниот завод за ревизија кој се однесува на успешноста на реализацијата на капиталните проекти, велат од ЈО додавајќи дека секој што поседува дополнителни документи и други докази за сторени кривични дела има законска обврска тие да ги достави до истражните органи.
Јавното обвинителство не информира дека постапува по извештајот на Државниот завод за ревизија кој се однесува на успешноста на реализацијата на капиталните проекти, во кој, меѓу другото, се констатира забавена реализација и зголемена цена на чинење на повеќе капитални проекти во патната, железничката и друга инфраструктура, по што новата Влада побара ЈО да го испита работењето на јавните претпријатија за патишта и железници.
Имено, во ревизорскиот извештај „Реализација на капиталните инвестиции финансирани преку Буџетот на РСМ, ЕУ фондови и средства од други меѓународни финансиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“, се констатира дека капиталните инвестиции имаат „високи фискални ризици за нивната реализација и се доведува во прашање исполнувањето на стратешката цел на владата за остварување на одржлив и инклузивен раст и подобар квалитет на живот на граѓаните“.
Притоа, ревизорите се осврнуваат на повеќе капитални проекти, вклучително и на изградба на Коридор 8 од железничка инфраструктура. Како што се предочува во извештајот, проектите за изградба на железничка инфраструктура (фаза 1 и 2), почнати се во 1996 година и се уште не се завршени. Патем, вредноста на овие проекти е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неисполнети услови за ефективност на заемот во период 7 години, што, според ревизорите, укажува на неефикасно управување со овие стратешки проекти.
„За фаза 3, фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои голем ризик од губење на ИПА-грант средствата во износ од 60,7 милиони евра и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување дополнителни средства од Буџетот на државата. Во исто време, вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен меѓу ЕУ и РС Македонија, таа е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“, стои во ревизорскиот извештај.
Додека власта е на добар пат да постигне договор со бугарската страна за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија, „Фокус“ истражуваше како тече изградбата на останатите 2 секции. Па, ако првата траса од Куманово до Бељаковце е речиси готова, сосема поинаку е на втората траса меѓу Бељаковце и Крива Паланка, каде на половина од времетраењето на договорот, процентот на реализација е 25 отсто. Притоа, изведувачот ангажирал 4 подизведувачи, меѓу кои има 2 компании на турски државјани, регистрирани во ист ден и на иста адреса.
ПОВРЗАНИ ПОДИЗВЕДУВАЧИ
Според податоците што ги обезбедивме од ЈП Железници-Инфраструктура, на четирите подизведувачи припаднале вкупно 15,54 проценти од колачот тежок 155 милиони евра, што во пари му доаѓа безмалку 25 милиони евра. Една од нив е компанијата за производство на експлозиви „Мактек“, која впрочем добила најмал дел од договорот за втората секција од пругата кон Бугарија од 0,01 отсто. Според Централниот регистар, оваа компанија, формирана во 2004 година, е во сопственост на грчкиот државјанин Алексиос Ѕисиос.
Потоа, на списокот на подизведувачи е и градежната компанија „Паша Констракшн“, која добила 1,95 отсто од вредноста на договорот. Тековната состојба на друштвото покажува дека е основано на 7.3.2023 година, или половина година по потпишувањето на договорот за изградба на трасата. Компанијата е во сопственост на Сонер Сумеркан од турски Трабзон, кој е соуправител заедно со Омер Дагхан Чаглајан, исто така од Турција, но со адреса и во Скопје.
Трет по ред подизведувач, според висината на отстапениот договор (2,02 отсто) е „Симал Констракшн“, во сопственост на Халил Ибрахим Шимшек, а управител е Левент Долгун – и двајцата од Анкара. Она што е интересно, „Симал Констракшн“ е основана на ист ден како и „Паша Констракшн“, односно и двете компании се формирани на 7.3.2023 година. Дополнително, тие се регистрирани и на иста адреса, на улицата Даме Груев во центарот на Скопје.
Иако „Паша“ имала помал дел од договорот во споредба со „Симал“, сепак, ланската 2023 година остварила повисоки приходи во висина од 7 милиони денари, а добивката изнесувала од 3,6 милиони денари. Истата 2023 година, „Симал Констракшн“ остварила добивка од 1,6 милиони денари и расходи од 3,3 милиони денари, па годината ја завршила со загуба од 1,6 милиони денари.
Индикативно е што и изведувачот „Гулермак“, кој по добивањето на зделката тешка 155 милиони евра во 2022 година формира подружница во земјава, последните 2 години ги поминува во загуба. Така, во 2022 година остварила приходи од 42,3 милиони денари и загуба од 43,8 милиони денари. Во ланската 2023 година, пак, ги зголемила приходите на 892 милиони денари, но повторно завршила во минус од 38,5 милиони денари.
Таква мака нема нејзиниот четврти и најголем подизведувач – битолската „Стентон Градба“, која добила 11,56 отсто од договорот. Оваа градежна фирма на Горан Стојаноски и Гоце Стојаноски бележи раст во приходите од 2022 во 2023 година од 1,2 на 1,4 милијарди денари. Инаку, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ често ја споменуваа оваа фирма во меѓусебните политички пресметки.
ЗАБАВЕНА ИЗГРАДБА
Инаку, нашите проверки следуваа откако премиерот Христијан Мицкоски прво обвини дека му бил нуден поткуп од една од заинтересираните компании за изградба на третата секција од оваа пруга (Крива Паланка-Бугарија), по што постапката беше прекината. Потоа, тој рече дека треба да се провери и како течела изградбата на првите две секции од пругата (Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка), при што посочи дека истрагата треба да ги провери подизведувачите, и според него, се ќе станело јасно.
– Што се случувало и не треба некој многу да е паметен или остроумен. Само треба да ги погледне подизведувачите што работат таму, тоа е доволно, и да поврзе 2 и 2 и ќе добие резултат 4. Можеби во политиката 2 и 2 не е секогаш 4, но во случајот е многу јасно што треба да прави истрагата. Само треба да види кои се подизведувачите што работат на терен. Обвинителството само тоа треба да го направи… – рече Мицкоски на Канал 5.
Во врска со ова тврдење дека Обвинителството треба да ги провери подизведувачите, „Фокус“ побара објаснување од Мицкоски на неодамнешниот брифинг со новинари. Одговарајќи на нашето прашање, тој рече дека можеби порано и на секцијата од Куманово до Бељаковце имало проблеми, но на овој дел сега се работи коректно и изградбата е речиси готова. Наспроти тоа, немаше позитивни зборови за втората секција од Бељаковце до Крива Паланка.
Според Мицкоски, еден проблем е слабата динамика на работа, поради која, наместо пругата да биде завршена во 2026 година, прашање е дали, како што вели, ќе биде завршена и до 2030 година. Втор проблем, како што рече, се подизведувачите, бидејќи има основано сомнение дека намерно се избрани. Премиерот вели дека тоа треба да го испита Обвинителството.
–За пругата кон Софија се прифатени сите наши аргументи. Заклучено е третата секција да се измени и тунелот заедно да го проектираме и тендерираме. Од Бургас до Куманово и Скопје ќе имаме целина и ќе чекаме што ќе се случува на албанска страна, каде што има волја, но нема проект – рече Мицкоски, додавајќи дека цела пруга би можела да биде готова до 2032 година, но за да се заврши третата секција претходно, мора да се заврши втората.
Затоа, „Фокус“ се обрати до Јавното обвинителство со прашање дали е оформен предмет по сите јавно изнесени искази, и ако е така – какви дејства се преземени во врска со изградбата на првите две секции и неуспешната постапка за третата секција од пругата кон Бугарија? Од ЈО ни одговорија: „Во однос на наводите на претседателот на Владата, Министерството за внатрешни работи појасни дека постапува и врши проверки. Секој што поседува дополнителни документи и други докази за сторени кривични дела има законска обврска тие да ги достави до истражните органи“.
ПРЕМЕСТЕНА ТРАСА
Воедно, од ЈО побаравме одговор и за автопатот кон Блаце, за кој, исто така, највисоки претставници на актуелната власт ги обвинуваат нивните претходници дека направиле коруптивен проект, бидејќи, според нив, ја избрале најтешката траса, со цел да се напумпа цената на чинење. Oд Обвинителството кусо ни одговорија дека и автопатската делница Скопје-Блаце е опфатена со предметниот извештај од ДЗР, по кој, како што веќе наведовме, се постапува.
Станува збор за авопатска делница од 10,5 километри, која всушност претставува продолжение на веќе речиси изградената двокилометарска делница од косовската граница до Блаце, вредна скоро 30 милиони евра. Ревизијата утврдила дека првичното проектирање на помалата траса имало недостатоци, кои донеле двојно зголемување на вредноста. Но, ревизорите предупредуваат дека и поголемата делница ќе се гради на комплексен терен, што носи ризик од промени, зголемување на вредност и дополнителни работи.
„Ревизијата нагласува дека и покрај неколкуте поминати години и задоцнети постапки од институциите вредноста на проектот од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра за 10.5 км автопат, односно 18,9 милиони евра за 1 км автопат или за 76,7%. Ревизијата не потврди дека е воспоставен ефикасен систем на управување со проектот од надлежните институции со цел навремено и ефикасно планирање на проектот и подготовка за започнување со реализација на активности“, стои во извештајот на ДЗР.
Во однос на тоа, министерот за транспорт Александар Николоски во интервју за „Фокус“ обвини дека била избрана најтешката траса за автопатот кон Блаце за да се напумпа цената, откако претходно Министерството за екологија по брза постапка дало мислење дека природната траса треба да се заштити како „еколошки заштитено подрајче“. Меѓутоа, од ова министерство добивме официјален одговор дека такво мислење не е издадено!
Во меѓувреме, Николоски во парламентот спомена 4 компании дека купиле имот каде минува трасата, иако претходно изјави дека во делот што треба да се експроприра нови газди на земјиштето станале „функционери од врвот на ДУИ“. Откако се обидовме да ги провериме овие тврдења, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од ЈП за државни патишта не ни доставија податоци за затекнатата автопатска траса до Блаце, по што покренавме жалбена постапка пред второстепената комисија.