Ова се деталите од Американскиот мировен план за Украина: Замрзнување на конфликтот, окупираните територии остануваат кај Русите, повлекување од НАТО…
Соединетите Држави им претставија на сојузниците нацрт-предлог за мировен договор меѓу Русија и Украина, кој вклучува рамковни услови за прекин на непријателствата и постепено ублажување на санкциите против Москва во случај на траен прекин на огнот, пишува Блумберг, повикувајќи се на европски претставници запознаени со планот.
Планот на САД им беше претставен на европските сојузници и покрај предупредувањето од државниот секретар Марко Рубио, кој утринава рече дека администрацијата на Доналд Трамп е подготвена да се „откаже“ од мировните напори доколку наскоро не се постигне напредок. Сепак, потпретседателот на Трамп, Џеј-Ди Венс, изјави од Рим дека останува „оптимист“ за можноста за завршување на војната.
Замрзнување на конфликтот и без членството на Украина во НАТО
Според дипломатски извори, планот на САД практично ќе го замрзне конфликтот, оставајќи ги териториите окупирани од Русија под контрола на Москва. Исто така, амбициите на Украина за членство во НАТО би биле отстранети од преговорите. Официјалните лица не сакаа да откријат повеќе детали, повикувајќи се на доверливоста на преговорите.

Предлогот беше претставен за време на вчерашните состаноци во Париз, вклучително и средбата на францускиот претседател Емануел Макрон со американскиот пратеник Стив Виткоф, како и одделните консултации меѓу Рубио и советниците и преговарачите за национална безбедност од Франција, Германија, Велика Британија и Украина.
Блумберг претходно објави дека американските власти сакаат целосно примирје во рок од неколку недели, а продолжување на разговорите е планирано за следната недела во Лондон.
Безбедносни гаранции за Украина
Еден официјален претставник рече дека предложениот план не е конечен мировен договор и дека европските сојузници нема да ги признаат окупираните територии како руски. Беше посочено и дека преговорите се бесмислени доколку Кремљ не се согласи да ги запре нападите и дека на Украина мора да и се понудат сериозни безбедносни гаранции за договорот да има тежина.
Рубио рече дека безбедносните гаранции се „легитимна потреба“ на Украина, но дека преговорите сè уште не се бетонирани во таа насока.
„Секоја суверена држава има право да се брани. Украина има право да склучува билатерални одбранбени договори со различни земји“, рече Рубио.
По телефонскиот разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, портпаролката на Стејт департментот Тами Брус рече дека Трамп и САД „сакаат крај на војната и сега претставија план за одржлив и траен мир на сите страни“.
Киев се согласи на примирје, се чека одговорот на Москва
Според еден извор запознаен со преговорите, Украина веќе се согласила на прекин на огнот, но нејзиниот став е дека Русија мора прво да се согласи на прекин на огнот пред да разговара за други теми. Украинската делегација во Париз беше задолжена за изработка на механизми за следење на прекинот на огнот и евентуалниот мировен контингент.
Европските претставници ги оценија средбите во Париз како конструктивни и позитивни, нагласувајќи дека целта е да се покаже единството на Европа со Киев и поддршката за американските напори, како и да се изврши притисок врз Москва да ја докаже сериозноста на своите намери.
По заминувањето од Париз, Рубио рече дека се надева на помош од Обединетото Кралство, Франција и Германија за „притискање на процесот кон решение“, но предупреди дека американското трпение е при крај.
„Нема да одиме по овој пат со недели и месеци. Треба да знаеме многу брзо, во рок од неколку дена, дали е можен договор во наредните недели. Ако е можно – ќе се вклучиме. Ако не – имаме други приоритети“, рече Рубио.
Русија продолжува со нападите, бара укинување на санкциите
Иако Кремљ официјално го објави крајот на 30-дневното примирје за енергетската инфраструктура, руските напади врз украинските градови продолжуваат. Пред една недела руските сили го нападнаа градот Суми во североисточна Украина со балистички проектили, вклучително и касетна муниција, при што загинаа 35 цивили.
Париските разговори вклучија и француско-британски план за создавање „гарантна сила“ за повоената безбедност на Украина, како и планови за обезбедување трајно и соодветно екипирање на украинската армија. Целта е да се уверат САД дека Европа е сериозна во врска со обезбедувањето мир и дека администрацијата на Трамп ги поддржува безбедносните гаранции како безбедносна мрежа.
Сепак, ублажувањето на санкциите кон Русија додека Москва сè уште контролира големи делови од Украина може да предизвика сериозен отпор кај сојузниците на Киев. За укинување на европските санкции и одмрзнување на средствата потребна е согласност од сите земји-членки на ЕУ.
Спорот за териториите и условите на примирјето
Виткоф изјави за Фокс њуз дека клучот на договорот се врти околу „петте територии“, без да наведе детали. Русија инсистира на признавање на нејзиното воено преземање територии од 2014 година, вклучувајќи го Крим и големи делови од регионите Керсон, Запорожје, Луганск и Доњецк.
Исто така, Москва го поврзува примирјето со укинувањето на економските санкции и запирањето на испораката на оружје од Запад за Украина. Вчера од Киев зборуваше и претседателот Володимир Зеленски, кој остро го критикуваше американскиот пратеник Виткоф, обвинувајќи го дека „го прифаќа рускиот наратив“:
„Тој нема мандат да преговара за украинските територии бидејќи тие територии припаѓаат на нашиот народ“, рече Зеленски и додаде: „Не преговараме за територии додека не дојде до примирје. Украинската земја никогаш нема да биде признаена како руска“.