ОО на СДСМ: Биљал Касами да не споделува ставови фаворизирајќи само една етничка група

0

 Општинската организација на СДСМ од Тетово му порача на градоначалникот Биљал Касами дека не треба да фаворизира една етничка група кога зборува за градот. Ова следи по денешните фотографии објавени на профилот на Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук кој порача „ Добродојдовте во главниот град на Албанците во Северна Македонија, по приемот на дваесетина градоначалници Албанци од регионот.

-Градоначалникот на Тетово Касами очигледно нема ориентација во просторот. Недостојно е за еден градоначалник кој својата плата ја зема од парите на тетовчани кои се и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Роми и други, да споделува вакви ставови фаворизирајќи една етничка група.  Да го потсетиме градоначалникот Касами дека на таа функција дојде благодарение на поддршката која му ја даде ВМРО-ДПМНЕ, односно со помош на македонските гласови. Очекуваме и неговиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ да излезе со осуда на ваквите ставови на нивниот градоначалник, се вели во соопштението на СДСМ Тетово.

Според соопштение од Општина Тетово, „градоначалникот денеска одржа средба со градоначалниците на општините во Косово и градоначалникот на општина Бујановец (Србија), на која се разговараше за реализација на заеднички проекти и за продлабочување на соработката меѓу нив“.

-Со задоволство денеска во Тетово ги пречекавме градоначалниците и амбасадорот на Албанија во Косово, Ќемал Минџози, со кои веќе имаме многу успешна соработка и сето тоа е во насока на градење мостови на соработка во сферата на економија, образование, култура и спорт. На оваа средба Касами го истакна фактот дека Тетово како важен туристички и економски центар ги нуди сите можности и изразува подготвеност заедно со општините на Косово и Албанија да аплицираат во ИПА фондовите за реализирањето на проекти, се вели во соопштението.

Касами заедно со делегацијата ги посети Шарена Џамија, комплексот Арабати баба Теќе и други културни објекти.