Унгарскиот премиер Виктор Орбан порача за време на посетата на Тбилиси дека изборите во Грузија, во кои победи владејачката партија, биле слободни и демократски и му честиташе на грузискиот колега Иракли Кобахиѕе.
Неколку илјади луѓе протестираа синоќа пред грузискиот парламент во престолнината по тврдењата за неправилности на изборите.
Владејачката партија Грузиски сон и изборната комисија соопштија дека изборите биле фер и чесни, но западните земји побараа истрага.
„Ја прочитав проценката на меѓународните организации и гледам дека никој не се осмелува да оспори дека изборите биле фер и демократски. И покрај сите критики, никој не се осмелува да оди толку далеку“, кажа Орбан на прес-конференција.
Унгарија, која во моментов е на челото на претседателството на Советот на Европската Унија, не ја следи насоката на официјален Брисел задржувајќи ги врските со Русија и по почетокот на конфликтот во Украина во 2022. Брисел се огласи по повод посетата на Орбан на Грузија.
„Ја критикуваме избрзаната посета на премиерот Орбан на Грузија. Тој не зборува во име на ЕУ“, порачаа 13 министри за надворешни работи од земји членки на Унијата.
ЕУ и Соединетите Американски Држави ја критикуваат владејачката грузиска партија Грузиски сон поради некои нејзини политики. Партијата реши да ги поправи односите со Русија, но целосно го поддржува влегувањето на земјата во Европската Унија.
Орбан кажа дека Грузија е на пат кон членство во Унијата, оценувајќи дека резултатот на изборите е „проевропски избор“.
„Унгарија е жесток заговорник на Грузија на патот кон европските интеграции и Унгарија одигра посебна улога во доделувањето на статусот кандидат за Грузија. За тоа особено би сакал да му се заблагодарам на Виктор Орбан“, кажа Кобахиѕе.