Отворањето на женскиот фудбалски Мундијал префрлено на поголем стадион

0

 Поради голем интерес за влезници, воведниот натпревар од Светското фудбалско првенство во женска конкуренција во Австралија и Нов Зеланд е префрлено на двојно поголем стадион, објави денеска ФИФА.

Од 20 јули до 20 август Австралија и Нов Зеланд заедно ќе го организираат деветтото издание на СП за жени кое се очекува да ги урне сите рекорди според посетеност.

Воведниот натпревар меѓу домаќинот Австралија и Република Ирска требаше да се игра во Сиднеј на новиот стадион „Алијанц“ со капацитет од 42.500 гледачи, меѓутоа е префрлен на „Стадион Австралија“. Поранешниот Олимписки стадион во Сиднеј има капацитет од над 82.000 седишта. На истиот стадион ќе се игра и финалето.

„Мисијата на ФИФА е да организира најголемо и најдобро СП за жени во историјата, а навивачите, оние кои носат боја, страст и атмосфера на стадионите, ќе бидат составен дел од успехот на турнирот“, изјави генералниот секретар на ФИФА, Фатма Самоура.

На СП ќе настапат 32 репрезентации, а титулата ја брани САД предводен од македонскиот стратег Влатко Андоновски.