Ќе се спаси ли повторно Охридскиот регион од ставање на црната листа на Унеско, односно на списокот на загрозено светско наследство ќе се знае во јули наредната 2025 година, кога УНЕСКО, ќе го разгледува неговиот статус. Унеско неколку пати досега ја одложуваше оваа одлука, со барање да бидат исполнети зададените препораки.
„Подготвен ли е Охрид да се најде на листата на загрозени подрачја? Охрид политички не е спремен,а можеби на терен е спремен. Се додека ние покажуваме напор дека сакаме нешто да направиме нема да не стават, во моментот кога ќе почне да даваме отпор на она што тие ни го даваат, а ние нема да се сложуваме, тогаш ќе се најдеме на таа листа“, рече Сашо Коруноски- универзитетски професор за културно наследство.
Странските експерти велат дека Охрид е тешко да се менаџира и затоа се јавуваат проблемите со УНЕСКО, бидејки е жив град, но регионот му припаѓа на две држави Македонија и Албанија.
„Управувањето е клуч на успехот, бидејки се работи за управување кое треба биде прекугранично, од страна и на Македонија и на Албанија. Охрид е и жив град со развиен туризам и самиот туризам создава одредени начини кои што го загрозуваат наследството. Сметам дека изнаоѓањето на можности за креирање на други форми на одржлив форми на туризам и развој е клучен за Охрид, особено од аспект што сегашниот масовен туризам му создава одредени проблеми“, рече Рајан Депик- конзерватор архитект.
Масовната урбанизација си го прави своето, па сите се согласни, дека како резултат на тоа драстично е нарушена панорамата на Охрид и Струга.Затоа велат дека на регионот му е потребна контролирана градба.
„Панорамата на градот и воопшто има делови кои се нарушени, оние кои и претходно УНЕСКО ги забележуваше и кај нив нема поправки. Се уште се елементи на кои треба да се работи. Тоа се сложени процедури, бидејки некој веќе извадил дозволи и неможе назад да се враќате и можеби треба да се решава на друг начин.Секој таков проблем треба поединечно да се решава. И ситемот мора да проработи, а системот е контрола на она што се гради“, додаде Сашо Коруноски- универзитетски професор за културно наследство.
Коруноски додава дека постојат различни планови на хартија, кои конечно треба да почнат да се спроведуваат на терен.
Во присуство на претставници од Албанија и Македонија во Охрид беше презентирана платформата на недвижно културно наследство и археолошки локалитети на Охридскиот регион. Станува збор за околу 160 заштитени објекти и 350 археолошки локалитети.