Палестинците продолжуваат со бегство од Газа под израелските напади и копнена офанзива

– Палестинците од Газа вчера продолжија масовно да бегаат кон јужните делови на енклавата, под тешки услови и во сенка на израелските воздушни напади и започнатата копнена офанзива.

Граѓаните, притиснати од силните бомбардирања и наредбите за евакуација, дење и ноќе со своите работи се движат по улицата Ал-Рашид, пеш или со возило.

Во вторникот, израелската Армија ја прошири својата офанзива во Газа, иако, според локални сведоци, целосна копнена инвазија сè уште не е изведена.

Наместо тоа, Израел ги засили гранатирањата, воздушните напади и уривањето на куќи со помош на минирани роботи – што Палестинците го опишуваат како дел од кампањата за масовно раселување.

Во август, израелската Влада го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за целосна реокупација на Појасот Газа, започнувајќи од Газа.

Нападот започна на 11 август од источната населба Зејтун, во рамки на операцијата „Гидеонови кочии 2“, која вклучи масовни бомбардирања, уривања и присилно раселување.

Израелската Армија ја продолжува бруталната офанзива врз Појасот Газа, во која од октомври 2023 година се убиени повеќе од 65.100 Палестинци. Војната ја опустоши енклавата и го остави населението на работ на глад.

Во вторникот, Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираните палестински територии потврди дека Израел извршил геноцид во Газа.