Панел: Владата донесе успешни мерки и политики во изминатата 2022 година

0

 Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата на Република Северна Македонија, „Година на нови можности“ беше одржана панел сесија „Социјални и здравствени политики во време на криза“ на која се дебатираше за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата, новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.

Како што информираат од Влада министерот за здравство, Беким Сали зборувал за дигитализацијата во насока на тоа колку може да придонесе за унапредување на здравствениот систем.

-Во завршна фаза на пуштање во употреба е мобилната апликација и порталот за пациенти „Мое здравје“. Преку порталот и мобилната апликација секој граѓанин ќе има можност за увид во своите податоци од националниот систем Мој термин. Пристапот ќе биде единствениот профил од порталот за Е-услуги. Меѓу позначајните инвестиции реализирани минатата година, сакам да го истакнам и зајакнувањето со нова апаратура за дијагностика, како што е набавката на најсовремени апарати за дијагностика за 14 јавни здравствени установи, за кои инсталацијата е во тек, обезбедени се во соработка со Светска банка, вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 13.6 милиони евра. Со поддршка на СЗО, почна и амбициозен процес за реформа на системот за примарна здравствена заштита, со цел да се модернизира и  да се внесе во дигиталната ера, да се интегрираат услугите со други области на здравствениот систем и да го преориентира пристапот да се фокусира на опслужување на заедниците и пациентите место на лекување на болести, истакнал министерот Сали.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврнала на антикризните мерки наменети за најранливите категории на граѓани, новата методологија за раст на минималната плата и пензиите, како и за социјалните услуги и сервиси кои се во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

-Го донесовме Законот за минимална плата. Со дефинирањето на минималната плата на висина од 18.000 денари, имаме двојно зголемување од 2016 година. Со новото усогласување во месец март, очекувањата се дека таа ќе биде повисока за околу 2.000 денари и ќе продолжи да расте. Во месец март очекуваме и ново зголемување на пензиите.  За една календарска година, растот на пензиите ќе биде околу 16%. Ja зголемивме висината на посебниот додаток за 15 проценти за сите три подвидови на корисници, а со усогласувањето на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот, корисниците на правата со исплата за месец јануари ќе добијат за 14.2 проценти повисоки права. Социјалните услуги ги спуштивме на локално ниво, изјавила министерката.

Додала дека преку Проектот за подобрување на социјалните услуги подржан од Светска банка, досега биле доделени грантови за 34 проекти кои се спроведувале во 41 општина.

-Обезбедивме и нивна одржливост со склучување на управни договори и финансирање од министерството. Отворени се центри за згрижување на жртви од семејно насилство во сите плански региони, истакнала Тренчевска.

Масимилијано Паолучи, директорот на Светка банка во Република Северна Македонија, во своето излагање ги истакнал постигнатите резултати во проектите поддржани од Светска банка во социјалната, детска и здравствена заштита. Додека постојана координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџиак, зборувала за важност на инклузијата во општеството и развивање на деинституционализацијата како процес, како и воспоставувањето на Меѓународната класификација на функционалноста.

Советничката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за здравство, Ана Данева Маркова, истакнала дека Министерството за здравство направило голем напредок со да овозможи пристап до нови лекови за сите пациенти на кои им била потребна.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери, Станка Трајкова од друга страна се осврнала на новата методологија со која пензиите ќе се усогласувале два пати во годината, вклученоста на пензионерите со пензии до 14.000 денари во антикризните мерки, како и помошта од 3.000 денари, која измината 2022 година ја добија сите 330.000 пензионери.