Петровска во Брисел на средби со германскиот министер за одбрана Писториус и канадската министерка Ананд
– Во рамки на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана, во седиштето на НАТО во Брисел министерката за одбрана Славјанка Петровска имала и две засебни билатерални средби со федералниот министер за одбрана на Сојузна Република Германија Борис Писториус и министерката за национална одбрана на Канада, Анита Ананд.
Како што денеска соопштија од Министерството за одбрана, на средбата со германскиот колега, Петровска изразила задоволство од силниот интензитет на одбранбена соработка и нагласила дека таквата соработка е особена значајна во моментот кога европскиот континент се соочува со голем број предизвици.
На политичко ниво, Петровска истакнала дека државен приоритет број еден е евроинтеграцијата на државата и се заблагодарила за континуираната германска поддршка за членство на Северна Македонија во Европската унија.
– На средбата со канадската министерка за одбрана, Ананд, стана збор за заедничкиот придонес на Северна Македонија и на Канада кон зацврстувањето на безбедноста на Алијансата, имајќи предвид дека припадници на Армијата се дел од мултинационалните сили на НАТО во Латвија, кои се под канадска команда. Министерките заклучија дека двете земји остануваат посветени на интензивирањето и развојот на одбранбената соработка во духот на сојузништвото, се наведува во соопштението од МО.