Полицијата во Лос Анџелес објави во неделата вечерта дека целото подрачје на центарот на градот е прогласено за „незаконско собирање“.

Додека демонстрантите продолжуваат да се судираат со полицијата во центарот на Лос Анџелес, полицијата предупреди дека „употребата на запаливи направи“ од страна на антивладините демонстранти ќе биде одговорена со „соодветна сила“, објави Си-Ен-Ен.
„Употребата на муниција што може да предизвика болка и непријатност е дозволена“, напиша полицијата на Лос Анџелес во објава на X.
Во текот на ноќта, демонстрантите и полицијата се нападнаа едни со други со испукување запаливи направи на улицата Аркадија. Демонстрантите испукаа петарди кон полицајците во опрема за немири, додека полицијата одговори со солзавец и гумени куршуми.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изјави дека државата ќе поднесе тужба во понеделник против администрацијата на Трамп поради, како што го опиша, „нелегално, неморално и неуставно“ распоредување на Националната гарда за справување со немирите во државата.
Во интервју за MSNBC, Њусом го обвини американскиот претседател дека „додава масло на огнот“ во веќе постоечката криза.
„Доналд Трамп ги создаде условите што ги видовте на вашата телевизија вечерва. Тој ги влоши условите откако објави дека ја презема Националната гарда. Ќе поднесеме тужба утре“, рече Њусом.

Њусом, исто така, рече дека федералната наредба за распоредување на Националната гарда ги прекршила утврдените протоколи што бараат координација со државните гувернери. Гувернерот додаде дека претходно соработувал со Националната гарда за логистика, санација на пожари, како и за време на протестите за Џорџ Флојд.
„Постои протокол. Постои процес. Нему не му беше гајле. И најлошо од сè, тој целосно излажа“, рече Њусом.
Полицијата во Лос Анџелес работи на отстранување на што е можно повеќе демонстранти од улиците пред стемнување, со оглед на тоа што се плашат дека ситуацијата би можела да се влоши по стемнувањето.
Порано во текот на денот, имаше многу мирни демонстранти, од кои некои се разотидоа по наредба на полицијата. Но, до раните вечерни часови, како што толпата се мешаше, расположението се промени, во она што полицијата го оцени како незаконско собирање.
Националната гарда почна да пристигнува во Лос Анџелес рано во неделата по наредба на претседателот Доналд Трамп, како одговор на судирите во последните денови меѓу федералните агенти за имиграција и демонстрантите кои се обидуваат да спречат депортации.
Трамп рече дека распоредува 2.000 припадници на Калифорниската Национална гарда во Лос Анџелес за да ги смири протестите, кои ги нарече „форма на немири“.
Тензиите се зголемија по серијата рации од страна на агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE), а бројот на апсења на имигранти во градот во текот на неделата надмина 100. Истакнат синдикален лидер беше уапсен додека протестираше и обвинет за попречување на работата на полицијата.