Потпишан договорот за грант од 2,4 милиони евра за изградба на заедничкиот железнички граничен премин Табановце
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Фатих Туркменоглу, денеска го потпишаа Договорот за инвестирање од 2,4 милиони евра за проектот за изградба на заедничкиот железнички граничен премин Табановце. Договорот е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија.
Проектот предвидува изградба на нов заеднички објект за потребите на Граничната полиција, Царината и инспекциските служби на Македонија и Србија, како и реновирање на постоечките објекти на Табановце. Предвидена е и изградба на нова патна и општинска инфраструктура. Според предвидената динамика, проектот треба да се реализира во текот на две години. Годинава се очекува да биде избран изведувачот и да започне изградбата на заедничката железничка станица во соодветните објекти.
Претходно за овој проект ЕБОР одобри заем од пет милиони евра и грант од 250 илјади евра.
„Се работи за заеднички железнички премин меѓу Македонија и Србија. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата меѓу двете земји бидејќи ќе имаме ЕДЕН СТОП ШОП во железничкиот сектор, при патување со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед во обновувањето на редовната железничка линија меѓу Скопје и Белград, за што се потребни напори од двете страни. Станува збор за проект вреден 7,4 милиони евра за изградба и 250.000 евра за консултантски и надзорни услуги. Сметаме дека една од главните економски линии на земјата е Коридорот 10, кој започнува во јужните пристаништа на Пиреја во близина на Атина и пристаништето во Солун и продолжува во Централна Европа, во земји како Унгарија, Австрија, Чешка и Словачка. Очекуваме да се забрза движењето на стоки во двете насоки и за увоз во Европа и за извоз од Европа. Тоа значи нови работни места, зголемена економска активност и секако побрз премин на патници и стоки низ нашата држава, што секако ќе ја направи уште поатрактивна“, изјави вицепремиерот Николоски.
Според Туркменоглу, овој проект е јасен доказ за континуираната поддршка на ЕБОР за напорите на земјата за подобрување на инфраструктурата долж Коридорот 10.
„Целта е да се оптимизираат процедурите за едношалтерски премини, што ќе ја зголеми ефикасноста и ќе го намали времето на чекање. Воспоставувањето заеднички граничен премин е клучна инвестиција за поттикнување на регионалниот раст и подигање на свеста за придобивките што доаѓаат од силните железнички врски во Западен Балкан“, рече Туркменоглу.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, кој присуствуваше на потпишувањето, истакна дека границата може да биде пречка, но и можност и отворен извор.
„Целта на грантот е да помогне во целосно искористување на потенцијалот на заедничкиот граничен премин за полесно и поефикасно движење на луѓе и стоки. Ова ќе биде придобивка за цела Европа. Имајќи предвид дека двете земји покажаа политичка волја и желба за регионална интеграција и поврзување во рамките на ЕУ, Европската комисија го започна овој проект во 2014 година со воспоставувањето на платформата за поврзување, а денес обезбедивме целосно финансирање. Македонија сега ќе има корист од подобрените капацитети преку создавање единствена железница и единствен граничен премин. Ова обезбедува директна поддршка за напорите на земјата за унапредување на Коридорот 10, кој исто така ќе ги подобри трговските врски. Во пракса, ова ќе обезбеди намалување на времето на патување и ќе го направи попривлечно и побезбедно. Додека Македонија не стане членка на ЕУ, ние сме посветени да помогнеме границата да се претвори во можност за развој и побрза транзиција кон единствениот пазар на ЕУ“, рече Рокас.
Со Србија се потпишани протоколи меѓу граничната полиција, царинските дирекции, железничките компании за инфраструктура и транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство.