По престојот во Скопје, американскиот државен секретар стигна во Израел

0

Американскиот државен секретар Антони Блинкен денеска пристигна во Тел Авив каде се очекува да се сретне со израелските лидери на разговори за продолжување на привременото примирје на Израел со милитантите на Хамас и зголемување на хуманитарната помош за Појасот Газа.

Блинкен вчера беше во Скопје во рамки на состанокот на ОБСЕ, каде што се сретна и со македонскиот премиер, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Блинкен се очекува денес да го посети и окупираниот Западен Брег, каде најверојатно ќе се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас, изјави палестински претставник.

„Гледајќи ги следните неколку дена, ќе бидеме фокусирани да направиме се што можеме за да го продолжиме примирјето и да продолжиме да извлекуваме што е можно повеќе заложници, како и да обезбедиме поголема хуманитарна помош“, рече Блинкен на прес-конференција во средата во Брисел.

Највисокиот американски дипломат се очекува да разговара и за претстојната израелска офанзива на јужниот дел на Појасот Газа во Тел Авив, при што САД ќе побараат од Израел да посвети поголемо внимание на заштитата на палестинските цивили и ограничувањето на штетата на инфраструктурата, изјавија високи американски претставници за Ројтерс.

Блинкен, исто така, во Брисел рече дека ќе продолжи да разговара за повоената иднина на Газа со регионалните партнери на Вашингтон. САД рекоа дека не сакаат Газа да биде окупирана или под опсада и дека не сакаат Палестинците трајно да бидат раселени или да видат намалување на територијата на Газа.

Во средата, последниот ден од шестдневниот прекин на огнот, Хамас ослободи уште 16 заложници, а исто така беше потврдено дека Израел ослободи уште 30 Палестинци од своите затвори.