Први фотографии од Москва по напад со дрон: Властите известуваат за жртви, хаос на аеродромите

Руските власти објавуваат фотографии направени по масовниот напад со дрон врз Москва и околината, во кој загина најмалку едно лице.

Регионалниот гувернер Андреј Воробјов вели дека жртвите се од градовите Видноје и Домодедово, недалеку од главниот град, и дека се оштетени седум стана во една станбена зграда.

„Денеска во 4 часот наутро започна масовен напад со беспилотни летала врз Москва и Московската област. Во моментов е познато дека едно лице загина, а три лица се повредени во областа Ленински во градот (Видное) и Домодедово (село Јам)“, изјави Воробјов.

Тој рече дека остатоците од беспилотните летала паднале врз станбена зграда во Раменскоје, при што се оштетени најмалку седум станови од 19 до 22 кат од зградата.

„Евакуирани се 12 лица, меѓу кои и три деца. Лекарите им пружиле помош на повредените на лице место. Некои од евакуираните се сместени во блиското училиште, додека останатите сега престојуваат кај роднините“, рече гувернерот.

Тој тврди дека руската авијација соборила повеќе од 60 дронови.

„Повиците за беспилотни летала пристигнаа од Коломна, Зарајск, Серебријани Пруди, Серпухов, Раменски, Воскресенск, Луховици, Броници, Домодедово, Ленински, Подолск, Електростал и Котелники. Сите служби за итни случаи сега работат таму каде што им е потребна помош“, посочи тој.

Во објава на социјалните мрежи, гувернерот Воробјов сподели фотографии на кои наводно се гледа еден од оштетените станови и изгорени возила на паркинг во московскиот регион.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека биле соборени 73 дронови кои се движеле кон градот, а покривот на една зграда бил оштетен од остатоците од соборениот дрон.

По нападот беше суспендирана линијата на приградски воз и беа воведени ограничувања за летови на московските аеродроми – еден од најголемите од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Воведени се ограничувања на летовите на аеродромите Шереметјево, Домодедово и Внуково – клучни транспортни центри што ги користат милиони патници годишно, јавува Би-Би-Си.

Нападот се случи само неколку часа пред клучниот состанок меѓу американските и украинските претставници во Саудиска Арабија, чија цел беше да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина.

Руското Министерство за одбрана подоцна соопшти дека вкупно 337 украински беспилотни летала биле пресретнати или уништени во текот на ноќта во Москва и во девет други руски региони. Украина не го коментираше ова прашање.

Во текот на ноќта, украинските власти пријавија напади со руски беспилотни летала врз Киев и неколку други региони.

Засега не е јасно дали има жртви.