Преговорите за Авганистан почнаа во Катар без присуство на талибанците

0

На дводневните разговори зад затворени врати свикани од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, присуствуваат претставници на 25 земји, вклучувајќи ги САД, Кина, Русија и Пакистан, како и европските земји.

Преговорите за Авганистан што се одржуваат под покровителство на Обединетите нации (ОН) започнаа во понеделникот во Доха, главниот град на Катар, јавува Анадолија.

Во преговорите се планира да се разговара за формите на соработка со актуелниот режим во Авганистан, нивниот третман кон жените, борбата против тероризмот и трговијата со дрога.

Преговорите започнаа без присуство на претставници на Талибанците кои не беа поканети на состанокот.

Претставници на 25 земји, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Кина, Русија и Пакистан, како и европските земји, присуствуваат на дводневните разговори зад затворени врати свикани од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

„Средбата има за цел да се постигне заедничко разбирање во меѓународната заедница за тоа како да се справи со талибанците за овие прашања“, се вели во соопштението на ОН.

ОН и САД претходно објавија дека признавањето на талибанскиот режим не е на агендата на преговорите.

Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година, воведоа низа ограничувања за авганистанските жени и девојки, забранувајќи им да учествуваат во повеќето области од јавниот и секојдневниот живот.