Пред големото финале на „Ѕвездите на Гранд“, Темелков ја обвини Вики Миљковиќ дека барала поткуп

Пред овогодинешното финале на регионалното музичко натпреварување „Ѕвездите на Гранд“, поранешниот натпреварувач Александар Темелков ја обвини членката на жирито Вики Миљковиќ дека барала поткуп. Пејачката и продукцијата набрзо излегоа и ги негираа овие обвинувања.

Темелков во подкаст рекол дека пејачката му побарала 20.000 евра, што таа подоцна остро го негираше и рече дека станува збор за злонамерна клевета.

„Поради невистинитите и целосно неосновани обвинувања изнесени од еден од поранешните кандидати за Ѕвездите на Гранд, сметам дека е моја должност да се обратам до јавноста и да го искажам мојот став. Имено, споменатиот кандидат јавно изнесе тврдења дека наводно сум му побарал поткуп, што е апсолутна лага и злонамерна клевета“, изјави таа.

Во соопштението, „Гранд продукција“ го поддржа Миљковиќ и најави дека доколку Темелков не ги повлече обвинувањата и јавно не се извини, ќе преземат законски мерки.

„Доколку гореспоменатиот кандидат не ги повлече обвинувањата и јавно не се извини, продукцијата целосно ќе ја поддржи Виолета Миљковиќ во сите понатамошни правни чекори што таа ќе одлучи да ги преземе за да го заштити нејзиниот углед и достоинство. Гранд продукција нема да толерира клевети, лажни обвинувања и обиди за поткопување на кредибилитетот на нашите соработници. Веруваме дека јавноста јасно ја препознава разликата помеѓу вистината и сензационализмот“, рекоа тие.

Да ве потсетиме дека овогодинешното финале на натпреварувањето беше прекинато поради немирите на улиците на Белград по студентските протести, а ќе продолжи оваа сабота.