Премиерот на Косово, Албин Кутри, прими заедничко писмо од претседателот на Франција, Емануел Макрон, германскиот канцелар, Олаф Шолц, и премиерката на Италија, Џорџа Мелони, по повод состанокот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, што ќе се одржи утре во Брисел и европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Владата на Косово, во писмото ги поздравуваат јавните изјави на премиерот Курти дека е подготвен да го прифати европскиот предлог за „основен договор“.
„Сметаме дека сега под итно е потребно да се утврди патот напред во целта за склучување на овој договор и обезбедување на негова имплементација врз основа на она што сте се договориле во своите заклучоци од 9 февруари. Европскиот совет изрази поддршка на овој важен договор и истовремено ги повика Србија и Косово во потполност и без услови да ги спроведат обврските кон кои се обврзаа во рамките на дијалогот, вклучувајќи ги и договорите од 2013 и 2015 година за создавање на Асоцијација / Заедница на општини со српско мнозинство“, се вели во писмото.
Се додава дека чекорите за имплементацијата која претстои треба да го одразуваат овој политички пристап, обезбедувајќи дека и „основниот договор“ и преостанатите обврски од дијалогот на адекватен начин се решаваат без одлагање.
„Се радуваме што и за едниот и за вториот ќе се разговара во текот на следниот состанок за дијалог на високо ниво во Брисел на 27 февруари 2023 година“, наведоа во писмото лидерите на трите водечки земји во ЕУ.
Истакнувајќи дека сметаат на раководството на Курти, кое конструктивно ќе тежнее кон брзо склучување и примена на овој договор, претседателот Макрон, канцеларот Шолц и премиерката Мелони изразија уверение дека склучувањето и спроведувањето на европскиот предлог е од фундаментално значење за општата благосостојба на граѓаните на Република Косово, за мир и просперитетен развој на регионот и напредок на европските перспективи на земјата.
Со премиерот Курти, а во пресрет на дијалогот во Брисел, телефонски разговараше и специјалниот советник на Стејт департментот на САД, Дерек Чолет, кој рече дека САД го поддржуваат конструктивниот состанок што ја потврдува приврзаноста на двете страни кон предлогот на ЕУ. Чолет истакна дека сега е време да се разговара и за Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.
„Реков дека сега е време да се разговара за Заедницата на општини со српско мнозинство. И Косово и Србија мораат да спроведат договори кои веќе ги потпишале низ процесот на дијалог, вклучувајќи и напредок кон воспоставувањето на Заедницата на општини со српско мнозинство“, рече Чолет.
Премиерот Курти и претседателот Вучиќ ќе се состанат во понеделник, 27 февруари, на покана на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, во рамките на дијалогот на Приштина и Белград во Брисел.
Од Брисел наведуваат дека на состанокот ќе стане збор за Предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Борел и пратеникот на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, прво одвоено ќе се состанат со лидерите, а потоа ќе биде одржан заеднички трилатерален состанок.
Косовскиот премиер Курти неодамна изјави дека Владата на Косово го прифатила европскиот предлог, како добра основа за понатамошни преговори со Србија.
Врз основа на некои делови од тој план што протекоа во јавноста, Србија не би морала официјално да ја признае независноста на Косово, но со прифаќање на тој договор, де факто го признава Косово.