Проблемот не е само во Грција: европските земјоделски субвенции станаа цел на системска корупција низ цела ЕУ

Голема измама вредна стотици милиони евра ја потресе Атина оваа година, откако многу Грци нелегално добија земјоделски субвенции од фондовите на ЕУ за земјиште кое не им припаѓало или за работа што никогаш не ја извршиле. Поради наводната вмешаност во скандалот, бројни министри и заменик-министри поднесоа оставки.

Но, шефицата на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕППО), Лаура Ковеши, за Политико изјави дека Грција во никој случај не е исклучок.

„Не би рекла дека Грција е посебна. Забележуваме измами со субвенции во речиси сите земји-членки, единствената разлика е во тоа колку и какви случаи има. Во Грција откривме дека криминалните активности беа многу систематски и добро организирани, со учество на високи функционери. Но, истите работи ги гледаме и во другите земји-членки“, рече романската обвинителка позната по борбата против корупцијата.

Земјоделските субвенции на ЕУ претставуваат една третина од вкупниот буџет и затоа се мамка за коруптивни шеми.

На прес-конференција истиот ден, Ковеши откри дека добила писмо од грчки земјоделец кој тврдел дека чесните кандидати не можат да добијат средства бидејќи другите прибегнуваат кон поткуп.

„Ајде да разговараме за тоа: како чесните земјоделци немале пристап до средства“, рече таа.

Друга голема цел на европските обвинители е Фондот за закрепнување и отпорност (RRF), кој беше лансиран по пандемијата на коронавирусот за да им се дадат огромни суми на земјите за економско закрепнување. Стотици случаи поврзани со тој фонд моментално се под истрага.

„Секако, организираниот криминал веднаш го насочи своето внимание кон RRF, бидејќи таму може да се заработат големи пари“, рече Ковеши.

„Нема повеќе безбедни засолништа за криминалците“
Зборувајќи во царинската испостава во пристаништето Пиреја, најголемото грчко пристаниште, таа ја истакна најголемата истрага од ваков вид во ЕУ, запленувањето на илјадници контејнери со кинеска стока во шема дизајнирана да избегне плаќање антидампинг давачки.

Пораката што им ја испрати на криминалците беше јасна: „Правилата на играта се променија, нема повеќе безбедни засолништа за вас. Откривме нов континент на криминал. Организираниот криминал станува посилен со измама на буџетите на ЕУ и националните државни буџети.“

За да се справи со толку голем број случаи, Ковеши бара зајакнување на тимот во Атина и низ цела ЕУ, повеќе европски обвинители и национални финансиски истражители од полицијата, царината и даночните администрации, кои би работеле исклучиво на случаи на EPPO.