Расте нуклеарната закана: Откриена тајна воена база на Северна Кореја

Северна Кореја изградила тајна воена база во близина на границата со Кина, во која, според ново истражување, се наоѓаат најсовремените интерконтинентални балистички ракети на режимот на Ким Јонг-ун.

Истражувањето на вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (CSIS) открива дека базата „Синпунг-донг“, лоцирана на само 27 километри од кинеската граница, може да смести меѓу шест и девет ракети со нуклеарни боеви глави, заедно со лансери. Во извештајот се предупредува дека ова оружје претставува потенцијална нуклеарна закана за Источна Азија и за континенталниот дел на САД.

Базата „Синпунг-донг“ е една од 15 до 20 локации што Пјонгјанг никогаш не ги пријавил, ниту пак биле дел од преговорите за денуклеаризација. Аналитичарите сметаат дека во случај на криза, ракетите може брзо да се преместат и да се користат за прикриени лансирни операции од други делови на земјата.

По пропаднатиот самит со Доналд Трамп во 2019 година, Ким Јонг-ун го забрза развојот на нуклеарната програма, а неодамна повика и на „брза експанзија“ на капацитетите за одвраќање и удар. Според CSIS, ваквите бази се клучен елемент во стратегијата на Северна Кореја за балистички ракети и растечка нуклеарна моќ.

Во исто време, од почетокот на војната во Украина, Северна Кореја значително ги зацврсти односите со Русија. Објавени се податоци дека Пјонгјанг во 2024 година испратил повеќе од 10.000 војници во Курската област, како и големи количини артилериски гранати, ракети и системи со долг дострел. За возврат, Москва ѝ обезбедува напредни технологии за вселенски и сателитски програми, пренесува „Гардијан“.