Санкциите наметнати на Русија поради нејзината агресија врз Украина и понатаму претставуваат голем проблем за нормалниот развој на воздушниот сообраќај во оваа земја.
На руските авиокомпании им недостасуваат авиони за домашни летови, како и резервни делови и мотори.
Сега Русија се обидува да го надомести тоа со евентуален договор со авиокомпании од Катар и Кувајт, пренесува Avio Press.
Кувајт не одби соработка и моментално ги разгледува можностите со Кувајт ервејс и Џезира ервејс, додека Катар нема толку добри вести за Русија, бидејќи оваа земја објави дека Катар ервејс моментално има премалку авиони.
Малку порано понудата од Русија ја одбија и авиокомпаниите „Ер Астана“ и „Скат“.
Да потсетиме, Сергеј Чемезов, шефот на државната технолошка и одбранбена компанија Ростек, неодамна изјави дека очекува бројот на западни авиони во флотата на руските авиокомпании значително да се намали во следните шест години и дека Русија забрзано работи да се зголеми домашното производство на авиони .
Според податоците на Росавијација, 469 авиони на кратки и средни дестинации од Ербас и Боинг наводно биле во употреба во Русија на крајот на 2023 година.