– Командантот на Командата на Армијата на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи, рече дека неговата земја останува посветена на политиката на отворени врати на НАТО.
Каволи престојува во Северна Македонија, која како претседавач со Иницијативата САД-Јадранската повелба (А-5), денес беше домаќин на 26. Конференција на началниците на генералштабовите на армиите од земјите членки на оваа иницијатива.
На заедничката прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, Каволи им се заблагодари на сите учесници, наведувајќи дека ова е уште една продуктивна конференција на Јадранската повелба.
Каволи рече дека земјите членки на Јадранската повелбата: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија, заедно со земјите набљудувачи, Косово и Словенија, се собрани на годишната конференција за да го продолжат дијалогот за безбедносната соработка.
„Разговаравме за важни регионални прашања, како што се зајакната кибербезбедност, зголемена интероперабилност и учество во мултинационални операции, мисии и вежби. Ова се историски времиња во Европа. Руската агресија и терористичките групи продолжуваат да претставуваат главна закана за НАТО алијансата, за борба против овие и други закани, членките и набљудувачите на оваа Повелба ветија континуирано учество во обуки и мировни операции со сојузниците и партнерите“, рече Каволи.
Тој додаде дека од своето основање пред две децении, Јадранската повелба е успешна во помагањето на земјите од Југоисточна Европа во остварувањето на членството во НАТО.
„Во текот на оваа 20-годишна историја на Повелбата, ние продолжуваме да демонстрираме дека соработката ја подобрува одбраната на секоја нација и колективната регионална безбедност за сите. САД ги поддржуваат напорите за национални реформи и напорите за модернизација на одбраната за исполнување на барањата за членство во НАТО и ја потврдуваме нашата посветеност за политиката на отворени врати на НАТО од член 10 од Вашингтонскиот договор“, рече Каволи.
Генерал-потполковникот Васко Ѓурчиновски во својот говор му се заблагодари на генерал Каволи, додавајќи дека „САД беа, се и ќе останат наш најзначаен стратегиски сојузник на сите полиња, особено во доменот на одбраната, вооружените сили“.
„Во текот на денот разменивме информации и податоци како учесници на Повелбата, САД, ние и постојаните членки: Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и Албанија за мирот, безбедноста, просперитетот на регионот и сите можни форми на соработка што ги очекуваме во периодот што престои“, рече Ѓурчиновски.
Началниците на генералштабовите на армиите од земјите членки на иницијативата САД-Јадранска повелба (А-5), исто така, потпишаа заедничка изјава со која се потврдува заложбата за натамошно зајакнување на односите и проширување и продлабочување на воената соработка со цел поддржување и зајакнување на регионалната безбедност.