Светски ден на трудот: Клучни факти за Први мај

0

Главен поттик за одбележување на овој ден како Меѓународен ден на трудот биле масовните протести во Чикаго во 1886 година на кои 40 000 работници побарале почитување на осумчасовното работно време

Официјалното одбележување на Први Мај како Меѓународен ден на трудот има историја долга повеќе од 130 години. Во 1889 година е донесена одлука масовно да се одбележува со собири, протести и манифестации, а одлуката да биде прогласен за меѓународен празник на трудот е донесена во 1891. Во продолжение од каде потекнува идејата за одбележување на денот за зачувување на правата на работниците и кој ја има најголемата заслуга за тоа.

Протести во Чикаго

Меѓународниот ден на трудот се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година и големиот протест во Чикаго, САД на кој повеќе десетици илјади работници на улиците побарале подобри услови за работа и почитување на осумчасовното работно време. Малите дневници, работата 12 или 18 часа и експлоатирањето на детскиот труд биле главни причини за протестот.

На протестите остро се спротивставиле властите и работодавачите, а полицијата одговорила со репресивни мерки. Протестите траеле до 4 мај и се прошириле надвор од Чикаго. Протестите завршиле со жртви по жестоките судири на полицијата и демонстрантите. Загинале шест лица, педесетина демонстранти биле повредени, а многумина приведени.

Потоа петмина работнички лидери биле осудени на смрт, а тројца на затворска казна.

Улогата на Интернационалата

Три година подоцна во знак на сеќавање на протестите од Чикаго на првиот Конгрес на Втората интернационала била донесена одлука за тоа 1 Мај да се одбележува со манифестации, протести и собири. На Вториот Конгрес во 1891 година 1 Мај и официјално е прогласен за Меѓународен празник на трудот.

Како денес се одбележува државниот празник

Во текот на 19 век и почетокот на 20 век 1 Мај во се повеќе држави бил масовно прифатен како Ден на трудот. Се одбележува како државен празник со масовни протести и манифестации, но и со масовни прослави и излети наместо со демонстрации. Во некои држави неработен ден исто така е 2 мај.

Први мај и синдикалното движење во Македонија

Македонското синдикално здружување и борбата за поголеми права датира од четириесетите години на двесеттиот век. Првиот конгрес на Сојузот на синдикатите на Македонија се одржал во 1946 година. Сојузот на синдикати тогаш се именувал како Единствени синдикати на работниците и намештниците.

Први мај во Северна Македонија е државен празник. До 2006 година неработен ден беше и втори мај, а од 2007 година се празнува само еден ден.