Светската трговска организација (СТО) објави дека царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп ќе доведат до целосен пресврт на меѓународната трговија и дека тоа особено негативно ќе влијае на Северна Америка.
Во новиот извештај за проценките на глобалните трговски трендови, СТО истакна дека предвиделе раст на трговијата со стоки од 2,7 отсто во текот на 2025 година. Сепак, поради одлуките на Трамп, сега се предвидува пад од 0,2 отсто.
„Посебно сме загрижени поради јазот меѓу САД и Кина. Ова е феномен кој навистина не загрижува“, рече генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала, пренесува theguardian.com .

Таа исто така додаде дека трговијата меѓу овие два геополитички ривали ќе падне за 81 до 91 отсто, без исклучоци за технолошките производи како паметните телефони.
„Изгледите за глобалната трговија значително се влошија поради зголемените царини и неизвесноста во трговската политика. Претходно се предвидуваше раст на глобалниот БДП од 2,8 отсто за 2025 година, но сега се очекува послаб раст од 2,2 отсто“, се вели во извештајот.
Светската трговска организација предвидува пренасочување на трговијата, бидејќи Пекинг бара нови пазари за своите стоки надвор од САД. Кинескиот извоз во регионите надвор од Северна Америка се очекува да порасне за четири до девет проценти во 2025 година.
„Падот на трговијата ќе биде особено голем во Северна Америка, дури и без најстрогите царини“, објави во средата глобалниот трговски форум, додавајќи дека извозот таму се очекува да падне за 12,6 отсто оваа година, додека увозот за 9,6 отсто.