Поради повеќедневните протести во земјата, владејачката партија во Грузија го повлекува нацрт-законот кој предвидува квалификување на оние кои имаат финансирање од странство како „странски агенти“, пишува ТРТ Балкан.
Нацрт законот критичарите на власта го осудија како средство на застрашување на медиумите и невладините организации. Грузиската владејачка партија Грузиски сон рано утрово објави дека ќе го повлече нацртот на законот за „странски агенти“ сред масовните протести во главниот град Тбилиси.
„Гледаме дека усвоениот нацрт-закон предизвика различни мислења во општеството. Машината за лаги беше во состојба предлог-законот да го претстави во негативно светло и да излаже одреден дел од јавноста“, се наведува во заедничкото соопштение на Гурузиски сон, „People’s Power“ и членовите на парламентарното мнозинство. Во соопштението се наведува дека на нацрт-законот му е припишана лажната етикета на „руски закон“ и дека неговото усвојување во прво читање претставено „како оддалечување од европскиот курс во очите на делот од јавноста“.
Во соопштението се тврди дека „радикалните сили“ исто така можеа да вовлечат дел од младите во земјата во илегални активности.
Властите одлучија „безусловно да го повлечат нацрт-законот кој го поддржаа безрезервно“, со напомена дека деталите за законот ќе бидат објаснети „како што емоционалната позадина ќе исчезне“. Одделно, грузискиот парламент исто така најави дека ќе има режим на ограничен пристап до следната недела.
Усвојувањето на нацрт-законот за „транспарентноста на странското влијание“ доведе до демонстрации во главниот град на Грузија од понеделникот, кои доведоа до апсење на 66 лица. Повредени се повеќе од 50 полицајци.
Нацрт-законот за „транспарентноста на странско влијание“ официјално цели кон откривање на тековите на пари од странство, но критичарите се плашат дека тоа е начин на кој владата може да ги задуши спротивставените мислења. Предложениот закон пропишува дека организациите како медиумските куќи можат да се класифицираат како „странски агенти“ ако примаат повеќе од 20 отсто од парите од странство.