Синот на Бајден со девет нови обвиненија може да биде осуден на 17 години затвор

Синот на американскиот претседател Џо Бајден Хантер се соочува со нови кривични пријави за затајување данок од 1,4 милиони долари додека трошел милиони на раскошен начин на живот.

Според обвинението поднесено во Окружниот суд во Калифорнија, тој се товари за три кривични дела и шест прекршоци поврзани со даноци.

Одделот за правда соопшти дека истрагата е во тек и доколку биде прогласен за виновен по обвиненијата, му се заканува затворска казна до 17 години, пренесува АП.

Тој е обвинет дека не платил најмалку 1,4 милиони долари федерални даноци од 2016 до 2019 година, додека трошел милиони на раскошен начин на живот.

Во обвинението од четвртокот се наведува дека Хантер Бајден „добро заработил“ додека служел во одборите на украинскиот индустриски конгломерат и кинескиот приватен капитал.

Но со зголемувањето на приходите се зголемија и расходите. Само во 2018 година, се вели во обвинението, тој потрошил повеќе од 1,8 милиони долари, но ниту денар не отишол за плаќање даноци.

Се споменува дека, меѓу другото, потрошил пари за дрога, придружба, луксузни хотели, автомобили и облека, како и издвоил повеќе од 70 илјади долари за рехабилитација од зависност од дрога.

Хантер Бајден често е тема на медиумите поради неговата зависност од наркотични супстанции и несоодветното однесување, каде во некои случаи протекоа слики од него гол или како користи дрога и неговата вмешаност во украинската енергетска компанија „Буризма“ додека неговиот татко бил Американскиот потпретседател.