Матичните комисии во Собранието дадоа зелено светло за регулирање на платите на судиите, членовите на Судскиот совет, јавните обвинители, членовите на Советот на обвинители, како и избраните и именуваните функционери.
Со предлогот на новиот закон ќе се менуваат коефициентите за пресметување на платата, со што ќе се обезбеди стабилна регулатива при исплатата на платите и ќе се спречи натамошното зголемување на платите за горенаведените лица.
Разгледувањето на предложените закони е направено по скратена постапка и не се поднесени амандмани од политичките партии.
„Сакаме да го постигнеме тоа нивелирање да нема зголемување на платите на функционерите туку некаде да има и намалување. Ги променивме коефициентите кои според формулата за исплата на платите се множат со просечната исплатена бруто-плата. Така ќе го постигнеме ефектот што го спомнавме, граѓаните подобро ќе не разберат, следната година ќе се зголемат сите плати на вработените во приватниот и јавниот сектор, но платите на функционерите нема да се зголемат“, изјави Бојан Стојановски. од ВМРО-ДПМНЕ.