– Собранието на Албанија ги одобри најновите измени во владиниот Кабинет, што пред неколку дена ги предложи премиерот Еди Рама.
На денешната собраниска седница на Парламентот изгласани се декретите на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, за промените во Владата на Албанија.
За нов министер за Европа и надворешни работи е назначен Игли Хасани, на местото на досегашната министерка Олта Џачка. Хасани претходно ја извршуваше функцијата амбасадор на Албанија во мисијата на ОБСЕ во Виена, и беше економско-еколошки координатор на организацијата.
За министерка за здравство и социјална заштита е именувана Албана Кочиу, на местото на Огерта Манастирлиу, која ја презеде функцијата министерка за образование и спорт.
Анила Денај ја презеде функцијата министерка за земјоделство и рурален развој.
За државен министер за локална управа именуван е Арбјан Мазнику, кој претходно ја извршуваше функцијата заменик-градоначалник на Општина Тирана.
Собранието ја разреши од должност министерката за стандарди и услуги Милва Економи и го укина тоа министерство.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, на 4 септември ги претстави промените во својот Кабинет. Новите министри официјално ќе ги преземат новите функции со положување заклетва во Претседателството на Албанија.