Состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска се домаќини на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.

Состанокот ќе се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а ќе го отвори претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Во рамки на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ“, која е константна на состаноците на ЗКК, ќе се обратат министерот за локална самоуправа Златко Перински, шефот за соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата земја Стефан Худолин и претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони Патрик Молиноз.

Втората тема на овој состанок е посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“. Во овој дел предвидени се обраќања на заменик – министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџински, известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија Раит Пиџеглас, претставници од НАЛАС и од АЛДА.

Заедничкиот консултативен комитет меѓу Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело, кое одржува најмногу два состанока во текот на една година, од кои едниот во Брисел, а другиот во Скопје, заседаваат двајца ко- претседавачи. Актуелен ко-претседавач од нашата земја е Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, а од страна на Комитетот на регионите е Јасна Габриќ, член на Собранието на Општина Трбовље (Република Словенија) и член на Европскиот Комитет на региони.

ЗКК е воспоставен уште во 2008 година со цел да ја подготвува основата за проширување на ЕУ преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власт.