Софија е подготвена за деескалација со Скопје под одредени услови

Министерот за надворешни работи вели дека најважен услов е вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, предупредувајќи дека во таа земја има антибугарска пропаганда.

Министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков изјави дека Софија е подготвена за деескалација во односите со Скопје под одредени услови.

Според него, најважен услов е вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, предупредувајќи дека во таа земја има антибугарска пропаганда, пренесува Танјуг.

Милков за бугарската државна телевизија (БТВ) изјави дека во случајот со секретарот на бугарското здружение „Цар Борис Трети“, кој беше претепан на 19 јануари во Охрид, македонската полиција ги испрашува активистите од Бугарија, наместо вистинските напаѓачи, што е голем проблем.

Повлекување на амбасадорот од Скопје

„Подготвени сме за деескалација во односите под одредени услови. Не сме задоволни од враќањето на ситуацијата од пред десет дена. Конкретно бараме заштита на правата на Бугарите таму“, рече тој.

Милков вели и дека не се согласува со ставот на македонскиот претседател Стив Пендаровски дека случајот со претепувањето на Пендиков се користи за внатрешно-политички цели во Бугарија.

Владата на Бугарија во својот технички мандат минатата недела објави дека го повлекува амбасадорот од Скопје Ангело Ангелов и најави ревизија на проектите со Северна Македонија.