Софија му порачува на Скопје да се држи до заложбите за уставни измени

Новата бугарска влада објави дека одбива да преговара со Северна Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, пишува бриселскиот портал Еурактив .

„Пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот на европска интеграција на Западен Балкан. „Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија“, се потсетува во текстот објавен денеска.

Авторот на написот понатаму нагласува дека минатата година во Скопје имало промена на власта и дека новата влада на чело со Христијан Мицкоски ветила дека „нема да и прави отстапки на Софија“.

„Еурактив“ ја следи изјавата на Мицкоски дека чекаат избор на редовна влада во Софија за да почнат преговорите за укинувањето на бугарското вето, но нагласуваат дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.

„Бугарија потсетува дека вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија не е билатерално прашање, туку услов на Брисел кон Скопје“, нагласува порталот.

Во текстот се наведува дека во изјавата на еден бугарски министер се наведува дека Бугарија останува „исклучително доследна“ во својата политика кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји во регионот.