Спречено бегство во затвор во Хрватска! Група од 10 осуденици ископа тунел, а вака се обиделе да ја прикријат трагата

Хрватската правосудна полиција во неделата спречи група затвореници да избегаат од затворот во Риека преку ископан тунел!

Засега официјално не е соопштено колку време и како затворениците од една ќелија копале во бетонот. Затворот се наоѓа во центарот на Риека, така што затворениците би имале многу можности да исчезнат по бегството. Очигледно, ова го имал на ум планерот за бегство.

Порталот 24сата неофицијално дознава дека група од осум до десет затвореници од една ќелија користеле шипка за да го пробијат бетонот и да ископаат тунел. Наводно, по излегувањето планирале да се приклучат на карневалот и да им се изгуби трагата во општото лудило на улиците на Риека.

Сепак, судските службеници забележале што се случува, а потоа го осуетиле внимателно осмислениот план.

Група од најмалку осум затвореници од затворот „Идризово“ во Северна Македонија, да потсетиме, неодамна подготвија и бегство од затворот со копање тунел. Сепак, Одделот за борба против организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија го насетија нивниот пеколен план.