Поранешниот претседател на Чешка, Милош Земан, предложи како решение за конфликтот на Блискиот Исток сите Палестинци, од Газа и Западниот Брег, да бидат депортирани во Саудиска Арабија, а делумно во Јордан.
Тој изјави дека тоа нема да биде нехумано и дека милиони Германци, тамошните национални малцинства, биле депортирани од Чехословачка, Полска и други источноевропски земји под системот на колективна вина по Втората светска војна.
– Тоа не би било ништо нехумано. На крајот на краиштата, Палестинците во најголем дел, вклучително и Газа, каде владее Хамас, и онака живеат во мизерни услови. А на Саудиска Арабија и е потребна работна сила.
Така што, според мене, хумана евакуација на Палестинците од Газа, а можеби и од Западниот Брег би ја решила ситуацијата – вели поранешниот претседател во интервју за чешкиот весник „Лидове новина“.
Дел од „решението“ на Земан за конфликтот на Блискиот Исток би било да ги депортира Палестинците во пустините, кои на крајот ќе почнат да ги наводнуваат со меѓународна помош.