Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими професорите Лорна Смит и Џонатан Брант од Оксфордскиот универзитет и професорите Костаке Милков и Нада Милкова од Балканскиот институт за вера и култура, кој преку програмата „Конекција Оксфорд“ остварува соработка со повеќе македонски академски и високообразовни институции.
На средбата, Пендаровски бил информиран за активностите во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“, чија цел е поврзување на релевантните македонски институции со едно од водечките места за високо образование во светот со што овозможува размена на идеи меѓу академици, професори, научници, студенти и други интелектуалци. Соговорниците разменија мислења за заложбите во науката, културата и уметностите како двигатели на напредокот со придонес кон благосостојбата на луѓето во општеството, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.
![](https://mia.mk/articles/images/%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B1%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D0%BF%D1%80%D0%B5%D1%82%D1%81%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D1%82%D0%BF%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D0%B0%D1%80%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B8%D1%81%D0%BE%D0%BF%D1%80%D0%BE%D1%84%D0%B5%D1%81%D0%BE%D1%80%D0%B8%D0%BE%D0%B4%D0%BF%D1%80%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D0%BC%D0%B0%D1%82%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D0%B5%D0%BA%D1%86%D0%B8nNp1u/Vr39tXzIi/large.webp?use_watermark=0)
Во Кабинетот на Претседателот, како што информираат, попладнево во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“ двајца од предавачите, Џесика Поинтинг, докторант по физика на Универзитетот во Оксфорд и Даниел Венингер, претприемач, инструктор за развој на лидерство и соработник капелан, со седиште во Оксфорд, Велика Британија и во Вормс, Германија ќе одржат предавања кои ќе ги проследат студенти и професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии и од Филозофскиот факултет.
Од 2019 година, во рамки на програмата „Конекција Оксфорд“ над 90 професори, предавачи и докторанти од Оксфорд имаа можност да ги образложат своите тековни истражувања во областите на физиката, медицината, филозофијата, книжевноста, драматургијата, бизнисот, филмската уметност, теологијата и лингвистиката.