Српските власти во шок поради новиот воен сојуз меѓу Хрватска и Словенија: „Никој не нè праша“

Српскиот министер за надворешни работи, Марко Ѓуриќ, остро реагираше на декларацијата за одбранбена соработка потпишана од Хрватска и Словенија на почетокот на неделата. Тој рече дека на регионот не му се потребни нови ѕидови, туку мостови на соработка.

„Се наоѓаме во регион кој помина низ многу работи во последните 30 години. Создавањето дополнителни сојузи без дискусија со соседите отвора бројни прашања и предизвикува загриженост“, рече Ѓуриќ.

Шефот на српската дипломатија истакна дека другите земји од регионот не биле вклучени во процесот на потпишување на декларацијата и дека таков пристап не придонесува за зајакнување на довербата. Според него, Србија не го оспорува правото на државите да соработуваат во областа на одбраната, но смета дека е проблематично што тоа не е направено транспарентно или инклузивно.

„Со оглед на тоа што се случи во регионот пред 30 години, потребно е отворено и транспарентно да се комуницира за безбедносните прашања. Нетранспарентните процеси не смеат да станат правило“, нагласи Ѓуриќ во изјава за РТС.

Да ве потсетиме дека минатиот петок, Хрватска и Словенија потпишаа договор за воена соработка за време на посетата на словенечкиот министер за одбрана Борут Сајовиќ на Загреб. Договорот ги опфаќа областите на одбраната, воената индустрија, бизнисот и економијата.

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ потоа го нарече договорот со Словенија „ново поглавје“ во веќе одличните односи меѓу двете земји во одбранбениот сектор, нагласувајќи дека тоа е чекор кон уште подлабока соработка.

Сајовиќ рече дека „променетите околности во светот бараат зајакнување на соработката во одбраната и во други области“ и ја нагласи заедничката одговорност на Загреб и Љубљана во Западен Балкан, особено кога станува збор за зачувување на мирот во Косово и Босна и Херцеговина.

Двајцата министри најавија продолжување на конкретните разговори и нови предлози веќе на саемот за оружје во октомври во Љубљана.