Татко му “коси” додека Новак ја освојуваше титулата на АО во Малбурн: Еве како Срѓан Ѓоковиќ ја прослави победата на неговиот син (ВИДЕО)

Таткото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, Срѓан денес не го следеше својот син во живо од трибините во финалето на Австралија опен против Стефанос Циципас.

Ѓоковиќ ја освои 10. титула на Австралија опен и 22. Грен слем трофеј во кариерата, откако во финалето во Мелбурн го совлада четвртопласираниот Грк Стефанос Циципас, во три сета со 6:3, 7:6, 7:6.

Срѓан Ѓоковиќ ја прослави победата на својот син со народната песна “Косили само сено” во изведба пејачот Добривоје Топаловиќ.

“Коси тата, косим ја, косили смо обадва”, ( Коси татко ми, косам јас, косевме двајцата ) се слуша на видеото од таткото на Новак.

Да потсетиме, по четвртфиналниот натпревар на турнирот во Мелбурн, помеѓу Новак Ѓоковиќ и Андреј Рубљев на 25 јануари, Срѓан Ѓоковиќ беше фотографиран со навивачи кои носеа руски знамиња со ликот на Владимир Путин и со знакот “Z” кој е симбол на руската агресија во Украина

Тој потоа излезе со соопштение во кое потенцираше дека неговото семејство е за мир и во писмената изјава рече дека “во Австралија е дојден само за да го поддржи синот, а не да биде предмет на насловните страници на весниците или да биде вознемируван на друг начин”.

Срѓан Ѓоковиќ не присуствуваше ниту на полуфиналниот меч со Томи Пол, а истата одлука ја донесе и за денешното финале.