Американската тајна служба го испрашуваше поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, во врска со објава на социјалните мрежи што републиканците ја протолкуваа како повик за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп , соопшти извор од безбедносните служби.
Трамп вчера изјави дека одлуката за евентуалните обвиненија ќе ја донесе државната обвинителка Пам Бонди , објави АП.
Објавата на Коми се однесува на објава на Инстаграм во која тој напиша – „кул формација од школки на мојата прошетка на плажа“, заедно со слика од школки кои изгледаат како да ги формираат броевите „86 47“ .
Според речникот Меријам-Вебстер, бројот 86 е сленг термин што значи „да се фрли“ или „да се ослободи од“ и, како што е наведено, меѓу поновите значења на бројот е „да се убие“, иако ова значење не се користи често.
Бројот 47 би можел да се однесува на Трамп , со оглед на тоа што тој е 47-ми претседател на САД.
Многу функционери од администрацијата на Трамп, вклучувајќи ја и министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем, рекоа дека Коми повикал на атентат врз Трамп .
Запрашан за време на интервју за „Фокс њуз“, Трамп рече дека Коми точно знаел што значи тоа.
„Дури и дете го знае тоа. Ако сте директор на ФБИ и не знаете што значи тоа – тоа значи убиство . И тоа јасно се кажува“, рече Трамп.
Коми беше директор на ФБИ кога Трамп ја презеде функцијата во 2017 година.
Тој беше назначен на таа позиција од тогашниот американски претседател Барак Обама, а пред тоа беше висок функционер во Министерството за правда за време на мандатот на претседателот Џорџ В. Буш.
Трамп го отпушти Коми во мај 2017 година .