Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ги протера сите бездомници од главниот град и ќе ги притвори криминалците, додека градоначалникот на Вашингтон тврди дека градот не се соочува со зголемување на криминалот.
Трамп рече дека бездомниците мора веднаш да се иселат.
„Ќе ви дадеме сместување, но далеку од главниот град. Криминалци, не мора да се селите. Ќе ве ставиме во затвор, каде што ви е местото“, објави Трамп на платформата Truth Social.
Сè уште не е објаснето какво законско овластување планира да го користи Трамп за да ги исели луѓето од Вашингтон.
Според „Комјунити Партнершн“, организација која работи на намалување на бездомништвото во Вашингтон, 3.782 луѓе живеат како бездомници секоја вечер во градот со околу 700.000 жители.
Повеќето бездомници се во засолништа за итни случаи или во преодни сместувачки капацитети.
Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, изјави дека главниот град не се соочува со зголемување на криминалот.
„Вистина е дека имавме ужасно зголемување на криминалот во 2023 година, но ова не е 2023 година. Последните две години инвестиравме во намалување на насилниот криминал во овој град, спуштајќи го на најниско ниво за 30 години“, рече Баузер.