Трамп: Русија треба да ја заврши војната во Украина наместо да тестира ракети

– „Русија треба да се фокусира на завршување на војната со Украина наместо на тестирање ракети“, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп, еден ден откако Москва соопшти дека го завршила тестирањето на својата нова крстосувачка ракета на нуклеарен погон „Буревестник“.

Говорејќи за новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ додека патуваше од Малезија до Јапонија како дел од турнејата во три земји низ Азија, Трамп зборуваше за тестирањето на новата руска ракета, способна да помине 14.000 километри.

Тој не даде многу значење на нејзиното тестирање, велејќи дека САД имаат нуклеарна подморница веднаш до брегот на Русија што не мора да помине толкаво растојание.

„Ние постојано тестираме ракети. Треба да ја завршите војната… наместо да тестирате ракети“, додаде Трамп.

Трамп ги предводеше напорите за ставање крај на војната во Украина откако го започна својот втор мандат во јануари.

Тој се сретна со рускиот колега Владимир Путин во август, но откажа уште еден планиран самит во Будимпешта овој месец, велејќи дека не сака „залуден состанок“.

Русија го отфрли барањето на САД и Европа за замрзнување на конфликтот на сегашната линија на фронтот.