Трамп ја продолжува суспензијата на царините за Кина за уште 90 дена

– Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека потпишал извршна наредба со која ќе се продолжи суспензијата на царините за Кина за уште 90 дена.

„Сите други елементи од договорот ќе останат исти. Ви благодарам за вашето внимание за ова прашање!“, рече Трамп на Трут Соушал.

Според наредбата, САД ќе ја одржат суспензијата на зголемените царини за кинескиот увоз до 10 ноември.

Реципрочната царина од 10% останува на сила за време на суспензијата.

Трамп на 2 април објави големи царини за земјите, а подоцна воспостави основна стапка од 10% што ќе им се наметнува додека траат поединечните преговори. Претседателот постави рок до 1 август земјите да постигнат договори со неговиот преговарачки тим или ќе се соочат со зголемени увозни давачки.

Тој ѝ даде рок на Кина до 12 август да постигне договор со неговата администрација или ќе се соочи со царини од над 80%.

По најавата на Трамп кинеското Министерство за трговија соопшти дека Пекинг ќе ги суспендира дополнителните царини за американските стоки уште 90 дена.

Иако ги одржува царините за американските стоки на 10%, Министерството соопшти дека Кина ќе преземе мерки за решавање на нецаринските бариери со кои се соочуваат американските производи.