„Сакам да објавам дека денес се исплатени над 407 милиони денари на близу 8.000 земјоделци кои се во нашите регистри“, изјави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на прес-конференција.
„Станува збор за износ од 259 милиони денари што им беа исплатени на 4.143 земјоделци од подмерката 1.7, односно за градинарски култури предадени во преработувачки капацитети, во рамките на Програмата за финансиска поддршка за 2024 година.
Износот на директните плаќања е 3 денари по килограм за сите градинарски култури, освен за пиперка од сортата Куртова Капија каде износот на директните плаќања е 5 денари по килограм, кои се испорачани за периодот мај-јуни и ноември-декември 2024 година.
Оваа мерка е клучна за поддршка на нашите градинари кои се посветени на квалитетно производство наменето за понатамошна преработка.
Во исто време, денес се исплатени над 147 милиони денари на 3.686 земјоделци за мерка 2.3, односно за произведено и предадено млеко од крави, овци и кози од Програмата за финансиска поддршка за 2025 година.
„Износот на директните плаќања е 6 денари по литар за кравјо млеко и 7 денари по литар за овчо и козјо млеко“, рече министерот.