Турците ги открија плановите: Вака треба да изгледа првиот голем носач на авиони, поголем од неговите европски конкуренти
Турција претстави нов концепт на првиот турски носач на авиони, на кој работи Агенцијата за одбранбена индустрија, според чиј дизајн турските бродоградилишта заедно со шпанските бродоградилишта треба да изградат брод долг 300 метри.
Според планот, овој носач на авиони треба да биде поголем од кој било европски брод во оваа класа, што укажува на желбата на Турција посилно да се позиционира во Средоземното Море и околните мориња.
Новопланираниот носач на авиони, неформално наречен „Мили Учак Гемиси“ (MUGEM), ќе биде најголемата поморска платформа произведена во Турција досега. Со должина од 300 метри, драматично го надминува носачот на беспилотни летала „TCG Anadolu“, кој е долг приближно 232 метри.
Овој нов брод е наменет да служи како пловечки центар за авиони со фиксни крила и хеликоптери, проширувајќи го поморскиот дострел на Турција далеку надвор од нејзините брегови.
Процесот на развој, според претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија (SSB), Халук Гергун, се темели на успешната соработка со Шпанија во раните фази од дизајнирањето на воениот брод TCG Anadolu.
Носачот на авиони ќе биде изграден во домашни бродоградилишта во Истанбул, зајакнувајќи го турскиот концерн на компании од областа на бродоградбата во соработка со локални одбранбени компании од воената индустрија.
За споредба, најголемите активни европски носачи на авиони, како што се францускиот „Шарл де Гол“ или британската класа „Кралица Елизабета“, имаат должина од околу 280 до 284 метри. Новиот дизајн на турскиот носач MUGEM не само што ги надминува, туку и сигнализира намера за ослободување од исклучиво регионалните ограничувања.
Доколку овој носач на бродови биде изграден, неговото присуство ќе влијае на рамнотежата на моќта во Црното Море, каде што руската поморска доминација е поткопана од загубите на Црноморската флота во украинско-руската војна.