Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека ВМРО-ДПМНЕ, за четири години локална самоуправа и година и пол централна власт, не направила никакви сопствени инвестиции.
„Гледам дека Мицкоски раскажува приказни на митинзи. А зошто раскажува приказни? Затоа што нема што друго да каже. Четири години ја имаа речиси целата локална власт, а година и пол централната“, рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се фалеле со инвестициите на СДСМ, отворајќи патишта од кои веќе 4 биле завршени.
„Прашањето е едноставно – може ли Мицкоски да наброи две инвестиции кои беа целосно негови? Единственото нешто со кое се фалеа беа проекти што СДСМ ги донесе до 98% или 99% реализација. Само ја пресекоа лентата. Отворија странски инвестиции по трет и четврти пат. Во Штип, три пати отидоа во фабриките, а работниците ни кажаа дека се смееле. Отворија патишта и булевари кои веќе беа завршени. Да не беа проектите на СДСМ – Мицкоски немаше ни да има место да се фотографира“, рече Филипче.
Меѓу другото, Филипче ја обвини сегашната влада за блокирање на државата и во економска и во стратешка смисла.