Францускиот премиер има „идеја“: Сака да укине два државни празника за да ги намали трошоците

Францускиот премиер Франсоа Бајру предложи укинување на два државни празници како дел од предлог-буџетот за 2026 година, со цел намалување на вкупните трошоци, а воедно зголемување на трошоците за одбрана.

Бајру предложи укинување на Велигденскиот понеделник и 8 мај, денот што го означува крајот на Втората светска војна во Европа. Бајру рече дека Велигденскиот понеделник „нема никакво религиозно значење“ и дека целата нација мора да работи понапорно и да произведува повеќе.

Тој нагласи дека Франција, втората економија во еврозоната, е „во смртна опасност“ да биде уништена од својот долг.

Бајру изнесе низа мерки за кои рече дека треба да го стават под контрола годишниот буџетски дефицит. Тие вклучуваат замрзнување на јавните расходи за следната година, укинување на даночните олеснувања за богатите и намалување на бројот на државни службеници.

Буџетот мора да го земе предвид и повикот на претседателот Емануел Макрон за зголемување на француските одбранбени трошоци за 3,5 милијарди евра следната година, а потоа за дополнителни 3 милијарди евра во 2027 година.

Тој додаде дека Французите не треба да го заборават грчкото искуство, искуството на земја која пред повеќе од десет години помина низ целосна должничка криза, поради што ѝ беше потребна повеќекратна меѓународна финансиска помош, како и многу години строги политики за штедење за да се опорави економски.