Хаос во Романија: Симион ќе го замени Георгеску на претседателските избори

Централната изборна комисија ја одобри кандидатурата на Георге Симион, водач на Алијансата за единство на Романците (АУР) и сојузник на Георгеску, еден ден откако тој ја поднесе својата апликација.

Симион и Анамарија Гаврила, водач на екстремно десничарската Младинска партија (ПОТ) и поранешен член на АУР, најавија претходно оваа недела дека ќе влезат во трката и дека еден од нив ќе се повлече доколку и на двајцата им биде одобрено да се кандидираат. Се очекуваше Гаврила да ја поднесе својата апликација во сабота, кога е и крајниот рок.

Георгеску, кој е критичен кон НАТО и се противи на поддршката на Романија за Украина, изненадувачки победи во првиот круг од изборите на 24-ти ноември. Симеон беше четврти.

cuta08 EPA Robert Ghement.jpg

По тоа гласање, романските разузнавачки служби објавија дека странски актери, обвинувајќи ја Русија без никакви докази, манипулирале со платформите на социјалните медиуми, особено TikTok, во корист на Георгеску. Уставниот суд потоа ги поништи претседателските избори на 6 декември, пред вториот круг на гласање.

Новото гласање е закажано за мај – првиот круг на 4 мај и вториот круг, доколку е потребно, на 18 мај.

Поддржувачите на Георгеску одржаа неколку протести против одлуката да му се забрани да се кандидира.