– Шест европски земји денес изразија голема загриженост поради ескалацијата помеѓу Израел и Палестина, јавува Анадолу.
Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и Велика Британија во заедничко соопштение ги осудија неодамнешните терористички напади врз израелските граѓани и неселективното насилство од страна на израелските доселеници врз палестинските цивили, вклучително и уништувањето на домовите и имотите.
Нагласувајќи дека ваквите дела ќе го отворат патот само за повеќе насилство, во соопштението се наведува: „Одговорните мора да се соочат со целосна одговорност и правно гонење. Сите еднострани дејствија кои го загрозуваат мирот и поттикнуваат на насилство мора да престанат.“
Тие, исто така, нагласија дека праведен и траен мир за сите е единственото посакувано решение за израелско-палестинскиот спор: „Во овој поглед, ние исто така го повторуваме нашето силно противење на сите еднострани мерки кои го поткопуваат дводржавното решение, како и проширувањето на населбите кои се нелегални според меѓународното право.“
Државите ја повикаа израелската Влада да ја повлече својата неодамнешна одлука да продолжи со изградба на над 7.000 станбени единици на окупираниот Западен Брег и за нивно легализирање.