Недостатокот на железо е еден од најчестите нутритивни недостатоци во светот, особено кај жените, децата и луѓето со одредени медицински состојби. Иако е многу чест, честопати останува непрепознаен бидејќи симптомите се суптилни или лесно се мешаат со ефектите од стрес, замор или стареење.
Железото е од суштинско значење за производство на хемоглобин – протеинот во црвените крвни зрнца што го носи кислородот низ телото – па затоа недостатокот може да доведе до замор, ослабен имунолошки систем и други проблеми. Натуропатскиот доктор и здравствен експерт, д-р Џанин Боуринг, предупреди за шесте најчести знаци што не треба да ги игнорираме.
1. Опаѓање на косата и кршливост
Ако забележите дека косата ви паѓа почесто, особено кога се туширате или чешлате, тоа може да биде ран знак за недостаток на железо.
,,Ако косата ви паѓа премногу или лесно се крши, на вашето тело можеби му недостасува овој клучен минерал“, вели д-р Боуринг за SheFinds. Слабата, кршлива коса е често првиот надворешен знак дека на вашето тело му недостасува железо.
2. Испукани усни, особено на аглите
Болните и испукани усни, особено околу рабовите, не се секогаш знак на едноставна сувост.
„Ако имате пукнатини и иритација во аглите на усните, тоа може да биде поврзано со ниско ниво на железо“, објаснува докторот.
Овој симптом е чест, но често занемарен индикатор за недостаток на хранливи материи.
3. Проблеми со варењето
Недостатокот на железо може да влијае и на варењето на храната.
„Горушицата и другите дигестивни проблеми исто така можат да бидат знак за ниско железо“, вели д-р Боуринг.
Доколку имате чести стомачни или дигестивни тегоби, можеби е добра идеја да ги проверите нивоата на железо.
4. Бледа или сува кожа и чувство на студ
Кожата може да ни каже многу и за состојбата на телото. Докторот забележува: „Погледнете ја вашата кожа – дали е екстремно бледа? Сува? Дали често ви е студено?“ Овие знаци може да укажуваат дека телото не произведува доволно здрави црвени крвни зрнца поради недостаток на железо.
5. Чести главоболки или вртоглавица
Кога на вашето тело му недостасува железо, вашиот мозок не добива доволно кислород, што може да резултира со чести главоболки, чувство на слабост или вртоглавица, особено кога нагло ќе станете.
„Ова се начини на кои вашето тело се обидува да ви сигнализира дека нешто не е во ред“, предупредува д-р Боуринг.
6. Отежнато дишење или забрзано чукање на срцето
Недостатокот на железо може да го отежни создавањето на хемоглобин, што значи дека срцето мора да работи понапорно за да достави кислород до сите делови од телото. Ова може да доведе до забрзан срцев ритам во мирување или чувство на останување без здив дури и при лесна активност.
Доколку се сомневате дека имате недостаток на железо, д-р Боуринг советува внимателно да ги избирате додатоците во исхраната.
„Секогаш избирајте ја формата на бисглицинат – лесно се вари, не предизвикува запек и најдобро се апсорбира кога се комбинира со интегрална храна“, заклучи таа.