Шпанската полиција приведе 197 членови на организирана криминална мрежа со помош на Европол

– Шпанската полиција денес објави дека привела 197 членови на мрежи на организиран криминал во 29 одделни истраги поддржани од Европол и фондовите на Европската Унија (ЕУ).

Во истрагата запленети се и големи количини дрога и 4,2 милиони евра во готовина.

Истрагите главно биле фокусирани на разбивање на криминалните мрежи за трговија со дрога.

Групите биле означени од Европол како високо влијателни и подготвени да употребат насилство и огнено оружје за да внесат огромни количества дрога на континентот.

Од приведените, 33 биле бегалци од правдата, од кои некои се означени како екстремно опасни, соопшти полицијата. Шестмина од приведените се идентификувани како главни цели од страна на властите на ЕУ.

Приведените биле од 34 различни земји, главно европски, но и од Канада, Колумбија, Либан, Мароко, Нигерија, Русија, Сомалија, Украина, Уругвај и Венецуела.

Обвиненијата вклучуваат трговија со дрога, измама, перење пари, сексуални кривични дела и поседување оружје, соопшти полицијата.

За време на истрагата, полицијата запленила и речиси 5 тони кокаин, 1,8 тони хашиш, 1,3 тони марихуана, 3.300 таблети екстази, 28 парчиња оружје и 4,2 милиони евра во готовина.

Шпанија е позната како една од главните европски влезни точки за дрогата, пред сѐ за кокаинот што доаѓа од Јужна Америка.

Во меѓувреме, полицијата заплени имот вреден околу 12 милиони евра и замрзна банкарски сметки во вредност од 10 милиони евра што им припаѓаат на членови на криминалната банда.