Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, неодамна ја заврши соработката со Енди Мареј, кој му беше тренер во последните месеци, а сега откри кој е неговиот нов тренер.
Ѓоковиќ сега очекува настап на турнирот во Женева, а потоа и на Ролан Гарос, а откри дека Душан Вемиќ ќе ја игра улогата на главен тренер.
Во изјава за медиумите, тој нагласи дека во моментов не бара тренер и дека нема да брза, а дека во Женева и Париз, заедно со Вемиќ, ќе го води Борис Бошњаковиќ како аналитичар и помошник тренер.
„Во моментов не барам тренер. Не мислам дека има потреба да брзам во кој било контекст, се чувствувам удобно со луѓето околу мене. Го имам Душан Вемиќ кој е тука – дојде од САД, каде што живее, ќе биде со мене во Женева и на Ролан Гарос, а Борис Бошњаковиќ е тука како аналитичар и помошник тренер. После тоа, ќе видиме“, рече Ѓоковиќ.
Вемиќ има 48 години и е поранешен српски тенисер од Задар, кој ја заврши кариерата во 2011 година. Не може да се пофали со завидна играчка кариера бидејќи неговиот најдобар ранг на АТП ранг-листата е 146-то место од февруари 2008 година.
Неговиот најголем успех на Гренд слем турнирите беше играњето во првото коло на Ролан Гарос во 2007 година.
Дури и по завршувањето на играчката кариера, Вемиќ беше во тимот на Новак Ѓоковиќ кај тогашниот тренер Марјан Вајда.
Ѓоковиќ својот прв меч го игра утре во Женева, а во второто коло од турнирот се среќава со Унгарецот Мартон Фучович.